Австралискиот архитект Маршал Блечер и неговиот дански колега Магнус Марбјерг, од данското дизајнерско студио Fokstrot се здружија во проектот за создавање дрвен остров, кој лебди пред пристаништето во Копенхаген. Островот има и едно дрво (липа) на самата пловечка платформа со површина од 20 квадратни метри. Ова е прототип во проектот наречен „Копенхагенски Острови“, креиран како јавен простор.
„Прототипот на остров ќе се користи како место за одмор за кајакарите и пливачите, за сончање, риболов и за некои мали настани“, изјави Блечер.
Островот бил изграден рачно во дворот на јужниот дел на пристаништето. Тој е прв во серијата пловечки платформи кои имаат за цел да го зголемат интересот за користење на водениот простор.