Откако Формула 1 одлучи засекогаш да ги пензионира девојките кои позираа околу болидите пред трки, можно е хостесите да ги снема и од саемите за автомобили.
Хостесите со години се подеднаква атракција на некои саеми колку и возилата покрај кои позираат, но се чини на тоа ќе му дојде крај.
Водечките компании сѐ почесто користат специјалисти за претставување на нивните производи наместо атрактивно облечени девојки, а престојниот 88. Автосаем во Женева можно е да биде најконзервативен досега.
Веќе е познато дека јапонските производители Toyota и Nissan нема да користат хостеси на своите штандови, а наводно договорите со моделите ги раскинал и италијанскиот гигант FIAT поради сѐ почестите критики од јавноста.
„Времињата се менуваат. Сѐ повеќе има смисла да користиме специјалисти бидејќи ние се обидуваме да продадеме автомобили“, рече портпаролката на Nissan Сара Џенкинс.
Од друга страна, француската групација PSA има друго решение – покрај женските модели ќе има и машки.
Иако организаторите на саемот во Женева им оставија одврзани раце на учесниците во изборот на тоа како ќе ги претстават своите модели, автопроизводителите се претпазливи бидејќи сексизмот станува сѐ поактуелна тема.