Американскиот произведувач на електрични автомобили Tesla е казнет со парична казна од 140.000 долари, затоа што неговата фабрика во Фримонт го надминала дозволеното ниво на загадување на воздухот.
Компанијата соопшти дека причина за загадувањето е неисправноста на поединечни делови од опремата во фабриката и дека поради тоа во периодот од 2013 до 2016 година било забележано поголемо ниво на азот оксид.
Како што пренесуваат американските медиуми, проблемот со неисправна опрема веќе е решен и нивото на штетни емисии од погонот на Tesla во Калифорнија сега е во склоп со дозволеното.
Фабриката во Фримонт има повеќе од 10.000 вработени и досега најчесто добиваше позитивни оценки од локалните служби, кои го следат нивото на загадување на воздухот.
Портпаролот на фабриката тврди дека овој погон претходно само еднаш бил казнет поради кршење на еколошките прописи, и тоа во 2013 година, со казна од 1.000 долари.
Меѓутоа, компанијата Tesla во 2010 година плати казна од 275.000 долари затоа што нивниот прв модел – Tesla Roadster не доби сертификат за усогласеност со нормите на американскиот Закон за чист воздух.
Кога станува збор за новата казна, од компанијата не изразија жалење и прифатија да ја платат наведената сума од 139.500 долари, а како дел од договорот со локалните власти, Tesla ќе постави соларни панели на кровот на зградата на една непрофитна организација за образование на младите во Сан Хозе.