Sony го претстави својот најнов адут на пазарот со паметни телефони и неговата „помала копија“ – станува збор за телефоните Xperia XZ2 и XZ2 Compact.
Sony одлучи радикално да го промени својот досегашен изглед на телефони, повеќе насочувајќи се кон сјајот, заобленоста, стаклото и малите рабови, отколку кон острите карактеристични агли и металот.
Поголемиот примерок е XZ2 кој што пристигнува со 5,7-инчен дисплеј со резолуција од 2160х1440. Иако рабовите се прилично мали, од Sony успеале да ги задржат стерео звучниците. Задната камера е позиционирана на средината, а веднаш под неа е сместен сензорот за отпечатоци на прсти кој што досега беше поставен на левата страна.
Како и секој флегшип модел, Xperia нуди снимање во 4К резолуција, а вреди да се спомене дека поддржува и опција за снимање на забавени снимки со 960 FPS.
Од Sony одлучија да го отстранат 3,5-милиметарскиот аудио влез, но телефоните нудат репродукција на аудио со виок квалитет преку Bluetooth.
Xperia XZ2 и XZ2 Compact се опремени со процесор Snapdragon 845, 4GB RAM и 64GB интерна меморија. Тоа значи дека помалиот XZ2 Compact е речиси ист како и главниот адут XZ2, но со помали димензии (5-инчен дисплеј), поликарбонатска позадина наместо стакло и батерија со помал капацитет.