На аукција денеска можеш да продадеш се, па дури и камен! Вака некако може да се објасни ненормалната сума од 237.500 долари, која еден љубител на астрономијата и науката реши да ја плати за парче метеорит кој тежи 30 килограми.
Фрагментот бил пронајден во Кратерот на Барингер во САД. Истиот се наоѓа во пустината Хаила во Аризона и е најголемиот познат кратер од метеорит на Земјата. Се верува дека истиот е формиран пред околу 50.000 години за време на периодот на плеистоценот.
Претпоставките на научниците велат дека метеоритот кој паднал таму бил со дијаметар од околу 50 метри. До денес постојат 188 потврдени кратери на Земјата, но повеќето се скоро непрепознатливи.
Ова не е ниту првиот, ниту последниот пат кога аукциската куќа „Кристи“ нуди делови од метеорити за продажба. Следната таква аукција ќе се одржи од 10 до 17 април во Лондон. Таму ќе биде понуден фрагмент од небесно тело, кој се урна во близина на американскиот град Детроит во јануари.