Читањето од било каков екран пред спиење може да биде погубно за вашето здравје, покажа истражувањето спроведено во Бостон. Веќе е познато дека светлото од различни екрани навечер го менува чувството на успиеност и будност, и го спушта нивото на мелатонин во организмот.
Невронаучниците докажале дека луѓето кои навечер читаат книга подобро спијат од оние кои читаат од таблет или смартфон и други направи кои емитираат светлина, што вклучува и некои видови телевизори. Оние кои читаат од екран имаат пократок РЕМ циклус и лачат помалку мелатонин кој го регулира спиењето.
Последиците на недоволно и неквалитетно спиење не се само замор во текот на наредниот ден, туку и различни здравствени проблеми како прекумерна дебелина, дијабетес и кардиоваскуларни болести, кои веќе се поврзани со недостигот на сон. Хроничното сузбивање на мелатонин исто така е поврзано со зголемен ризик од некои видови рак.
Ако веќе никако не можете без екран навечер, обидете се да го филтрирате синото светло. За Android и iPhone постои апликација која го дава тој ефект, додека корисниците на компјутери можат да се обидат со софтвер како што е F.lux.