Компанијата во понеделникот првпат ги објави начелата за приватност и почна со објавување едукативни видеозаписи кои треба да ги информираат корисниците за сите околности во врска со заштитата на нивните лични податоци.

Видеозаписите ќе ги информираат корисниците како компанијата управува со нивните  податоци и што се случува со нив кога ќе го избришат својот кориснички профил, појаснува на својот блог директорката на одделението за приватност на податоците во Facebook, Ерин Иган.

Од оваа социјална мрежа, која има над две милијарди корисници во светот, појаснуваат дека никогаш досега не ги објавиле начелата, односно своите правила и начин на обработка на информациите за корисниците.

Овие најави се толкуваат како знак за настојувањето на компанијата целосно да се подготви пред стапувањето во сила на европскиот закон за заштита на податоци (GDPR – General Data Protection Regulation), на 25 мај оваа година, што ќе ги предизвика најголемите промени во областа на заштитата на личните податоци од појавата на интернетот.

Исто така, начелата за приватност вклучуваат и помош за корисниците во разбирањето на начинот на кој се користат нивните податоци, како се обезбедуваат, како се подобрува контролата и како ќе се исполни одговорноста на компанијата кон регулаторите.

„Нашите производи подлежат на строга контрола за безбедност на податоци. Исто така, се среќаваме со регулаторите, законодавците и експертите за заштита на приватноста за да добиеме податоци и мислења за нашите практики и правила“, се наведува во блогот.

Главната оперативна директорка на компанијата, Шерил Сандберг, минатата недела објави дека Facebook ќе отвори нов центар за приватност, кој на едно место би ги обединил сите важни нагодувања за заштита на приватноста на социјалната мрежа.

Новиот европски закон драстично ќе ги зголеми паричните казни за компаниите за кои ќе се утврди дека го кршат законот за заштита на податоци.

Од следната недела корисниците на Facebook ќе добиваат потсетник да извршат проверка на приватноста, напиша Иган, за да бидат сигурни дека се согласуваат со начинот на оперирање со нивните податоци.

Извор: B92.net