Oколу 400 лица минатата година аплицираа за учество во програмата, според која ќе живеат и работат во специјален модул HERA (Human Exploration Research Analog). Тој се наоѓа во складиште во вселенскиот центар „Линдон Џонсон“ во Хјустон и е еден вид на трикатна зграда со имитација на условите на вселенска мисија. Модулот е дизајниран да ги проучува карактеристиките на тимската работа и човековото однесување во вакви услови. Агенцијата за вселенски патувања во последните неколку месеци истражуваше групи од по четири волонтери, за животот и однесувањето во станбениот модул, така и надвор од него. Групите живееја во изолација 45 дена, време потребно за една експедиција да собере и достави примероци на почва од некој астероид до Земјата. Во декември и последната група ја заврши својата мисија.

Всушност, учесниците се еден вид лабораториски стаорци, субјекти кои треба да и ги обезбедат неопходните информации на НАСА за идното потенцијално однесување на астронаутите или членовите на вселенски мисии на друг планети, како онаа која се планира на Марс. Сето она што се случува со луѓето во металната цевка, почнувајќи од физиолошки промени, промени во расположението, меѓучовечки интеракции и друго, еден ден ќе помогне да се создадат упатства за одржување на здравјето и благосостојбата на астронаутите во долгорочните мисии. Ова не е единствен проект кој го проучува човечкото однесување во вселенски патувања. Универзитетот на Хаваи спроведува слична програма, наречена HI-SEAS, која во период од осум месеци стави шест лица во посебна станбена единица, која го имитира условите за живот на Марс.

Целта на проектите како што се HERA и HI-SEAS е да се спроведе цела мисија без конфликти и негативни здравствени ефекти по нејзините членови.