Канадската технолошка компанија BlackBerry објави софтвер за сајбер заштита, кој има за цел да ги чува беспилотните автомобили од хакерски интервенции, пишува „CNBC“.
Производот, кој беше лансиран во понеделникот, се нарекува „Jarvis“, а неговата задача е да се идентификуваат ранливи места во софтверот кој се користи во автомобили. „Jarvis“ скенира и нуди анализа во рамките на минути – процес, кој обично бара голем број експерти и доста време, посочува BlackBerry.
„Поврзаните и автономните автомобили бараат комплексен софтвер кој создава значителен предизвик за производителите на автомобили, кои треба да се уверат дека кодот ги исполнува стандардите на индустријата и на конкретниот производител, додека истовремено со тоа се бори со сериозните напади на компјутерските криминалци“, прокоментира главниот извршен директор на BlackBerry, Џон Чен.
Беспилотните возила вклучуваат неколку важни компоненти – од камери до сензори и друг софтвер. Ова значи дека постои можност хакерите да најдат слабост и да го нападнат системот. Многу индустриски експерти веќе изразија загриженост во врска со можноста автономните автомобили да бидат предмет на хакерски напади.
BlackBerry тврди дека „Jarvis“ ќе биде прилагоден на потребите на индивидуалните производители.
Поврзани артикли