Компанијата Google на својот сервис со сателитски снимки Google Earth објави фотографија од приватниот аеродром на аеровселенската компанија Прат анд Витни во Флорида на кој може да се види мистериозен објект со прилично необична форма, кој наликува на шпионско летало, објави порталот „Њуинформ“.
Тајлер Глокнер, американски новинар познат по објавувањето снимки за НЛО летала, прв го забележал чудното летало на аеродромот во Флорида додека разгледувал снимки на Google Earth. Глокнер вели дека леталото, кое има ромбоидна форма, може да биде најновиот американски супер-брз шпионски авион, моделот СР-72. Доколку неговото тврдење е точно, можно е Гугл, со објавувањето на снимката, да извршил сериозен удар врз тајноста на важната воена програма за развој на новата генерација американски шпионски летала.
Компанија Локид Мартин моментно работи на авионот СР-72, за којшто се очекува да ја наследи „црната птица“ – леталото СР-71 „Блекбрд“к кое од 1966 до 1999 година беше користено за правење разузнавачки фотографии во Советскиот Сојуз, Северна Кореја, Виетнам и други земји. СР-71 развиваше брзина до 3.200 километри на час со што можеше непречено да влезе во воздушниот простор на друга држава, да ги фотографира бараните цели и безбедно да се повлече. Можно е планираниот СР – 72, освен шпионската улога, да се користи и за бомбардирање на цели било каде на светот.
– Хиперсоничните летечки објекти ќе можат да се протнат во забранети воздушни области и да нападнат речиси на секое место на светот. Брзината е следниот чекор во авијацискиот прогрес за борба против новите закани во изминатите децении, вели Бред Лиланд, портпарол на Локид Мартин.
Военото воздухопловство на САД претходно имаа најавено дека работат на хиперсоничен шпионски авион што ќе може да развива брзина од барем 7.500 километри на час.