Руската област Јакутск е покриена со исклучително ниски температури. Во градовите и селата е толку ладно што нема термометар кој може да ја измери точната температура на отворено.

Како што соопштија дел од руските медиуми, деновиве во некои региони на Јакутск температурата паднала и под минус 69 степени. И покрај неверојатните временски непогоди, локалните жители не креваат тревога. Комуналните служби и регионалните власти во републиката воведоа режим на зголемена подготвеност, а луѓето продолжуваат да живеат на нормален начин за нив.

Новиот електронски термометар во селото Ојмјакон, познато како најстуденото село на планетава кое има 500 жители, деновиве во вечерните часови измери температура до минус 62 степени. Според локалните жители температурата во текот на ноќта паднала уште повеќе – до минус 67 степени, што е со 1 степен пониско од рекордот поставен во 1933 година.

Официјално, сепак, локалната метеоролошка станица забележала минус 59 степени.