Не е претерување ако кажеме дека живееме во ерата на најголемото човеково истражување на вселената. Месечината особено стана фокусна точка на растечкото внимание на повеќето вселенски агенции на нашата планета. Освен NASA, има и други светски вселенски агенции и приватни компании кои работат на проекти за лансирање на роботи, ровери и други вселенски летала кон површината на природниот сателит на нашата планета – Месечината.
Меѓу оние кои покажуваат најголем интерес за случувањата на Месечината е кинеската вселенска агенција CLEP. Од таму не кријат дека забрзано работат на проект за испраќање на две сонди и еден ровер на нашиот сателит. Она што е уште повпечатливо во кинеската најава е дека една сонда и роверот најверојатно ќе се упатат кон темната страна на Месечината, каде што ќе пристапат кон темелно проучување на локалната геологија и проверка на ефектите кои природната средина таму би ги направила кон инсекти и растенија донесени од Земјата.
Мисијата наречена Chang’e-4, ќе се состои од две различни пратки. Првата ќе стартува со лансирањето на ракетата Long March 5 во јуни 2018 година. Сондата ќе се позиционира во точка во просторот наречен L2, каде што гравитационата сила на Земјата и Месечината се еквивалентни и ќе воспостави радио мост. Шест месеци подоцна, ќе биде лансирана втората ракета, со што ќе се постави роверот на темната страна на Месечината. Покрај големиот број на инструменти за проучување на лунарната геологија, роверот исто така ќе има контејнер со алуминиумски легури полн со семиња и инсекти .
Чанг Јуанкун, главен дизајнер на Chang’e-4, вели дека во леталото кое ќе замине на Месечината ќе има компири, јајца од свилени буби и повеќе други семиња. Јајцата од свилени буби треба да произведуваат јаглерод диоксид, додека компирот и семето испуштаат кислород преку фотосинтеза. Заедно тие ќе можат да создадат едноставен екосистем на нашиот природен сателит.