На Саемот за електроника што се одржа во Лас Вегас беше претставен уред кој во реално време преведува на 80 јазици.
Уредот за преведување наречен „тревис“ е производ на истоимената холандска компанија. Роб Селандер, претставник на компанијата, истакна дека производот е креиран со намера да ги сруши бариерите меѓу јазиците.
„Технологијата нè поврзува онолку колку што можеме меѓусебно да се приближиме, но вистинско поврзување нема да се случи сè додека не се разбереме меѓусебно“, вели тој.
Уредот користи компјутеризирана клауд-база на податоци за комбинирање на 80 јазици, а компанијата работи и на дигитализација на помалку познати светски јазици.
„Кога еднаш јазикот ќе се дигитализира, не само што може да се користи во технологиите за преведување туку и за едукација и зачувување на јазичната посебност“, изјави менаџерката на компанијата за меѓународни работи, Елиса Глори.
Таа додаде дека дигитализацијата на јазиците се користи и во технологијата за давање гласовни команди на компјутерите и при користење виртуелни асистенти.
Селандер изјави дека во претпродажба досега се нарачани над 80.000 „тревистранслејтери“ по цена од 179 долари за еден, а повеќето веќе се испорачани до купувачите.