Познатиот јапонски архитект Шигеру Бан, кој е добитник на престижната архитектонска награда Притзкер, годинава го заврши проектот за музичкиот центар La Seine Musicale во Париз. Овој објект се карактеризира со јајцевидна форма која е направена од масивна дрвена конструкција и еден комплексен подвижен надворешен „ѕид“ со соларни панели, кој се движи следејќи го сонцето.
Париското седиште на архитектонското биро Shigeru Ban Architects победи на интернационалниот конкурс за идејно решение на музички центар со повеќенаменска содржина кој се одржа во 2013 година. За проектирањето на овој музички центар, Шигеру Бан соработуваше со познатиот француски архитект Жан Де Гастинес (Jean de Gastines).
Во срцето на објектот се наоѓа голема повеќенаменска концертна сала која има 6.000 седишта во која се организираат најразлични настани како музички концерти, мјузикли, балети и слично. Покрај големата концертна сала во комплексот има уште еден помал аудиториум со 1.150 седишта, која е дом на оркестарот Инсула, и која повеќе се користи за класични концерти или поточно кажано концерти за кои не треба озвучување.
Помалиот аудиториум е сместен во јајцевидната дрвна конструкција која е типична за експерименталните дрвни конструкции на Бан. Овие експериментални и комплексни конструкции можат да се видат во многу дела на Бан, како што се главната зграда на медиумската компанија Тамедиа. Покрај дрвните конструкции, Бан е препознатлив и по своите експериментални конструкции од картонски туби, кои ги користи за засолништа во региони погодени од временски катастрофи или војни каде има многу раселени лица.
Подвижниот соларен кров, покрај својата главна намена да произведува струја од сончевата енергија, има и функција да ја заштитува отворената дрвна конструкција од ултравиолетово зрачење од сонцето и исто така да прави сенка во лобито на концертниот аудиториум, со што може индиректно да се регулира внатрешната температура. Триаголното едро како што популарно се нарекува е монтирано на големи шини преку кои може да се движи и да овозможува максимално искористување на сончевата енергија во текот на целиот ден. Поради дизајнот на големиот соларен панел кој е директно инспириран од формата на едро, можеме La Seine Musicale да ја претставиме како пловечки брод, односно еколошки пловечки брод кој плови по реката Сена и треба да биде новиот симбол во западен Париз.
Ентериерот на главниот аудиториум е дизајниран да создаде топла и интимна атмосфера за време на концертите, со седишта кои ја заокружуваат централната сцена. Акустиката во салата се контролира со подвижни панели од дрво и со картонски туби кои се прицврстени на таванот.
Посетителите влегуваат во лобито на објектот преку огромни подвижни врати кои вертикално се подигаат и се спуштаат. Во лобито се предвидени и продавници каде посетителите ќе можат да ги набават сите реквизити поврзани со концертите кои се одржуваат. Покрај продавниците во продолжение има и џез-клуб, пет студија за снимање и соби за вежбање за музичарите, а сите овие содржини можат да се видат однадвор низ фасадните стаклени ѕидови. Кровот на големиот аудиториум е покриен со таканаречен зелен кров со трева до кој може да се стигне преку големите скали на почетокот од објектот.
Во поголемиот дел од 20 век, на просторот каде што е музичкиот центар се наоѓала голема фабрика на автомобилскиот гигант Рено. Кога Рено ја затвори својата фабрика во 1992 година, објектите останале неискористени сè до нивното уништување во 2005 година. Во 2009 година, францускиот архитект Жан Нувел (Jean Nouvel), го претстави својот урбанистички предлог-проект за островот на реката Сена со големина од 11 хектари. Овој урбанистички план претрпел повеќе промени низ годините сè додека се отвори концертната сала, која претставува прва културна институција на островот. Покрај La Seine Musicale, урбанистички се проектирани и други културни содржини како уметничкиот центар проектиран од каталонското архитектонско студио RCR Arquitectes, како и други станбени и хотелски објекти.
Со изградбата на La Seine Musicale се дава нов живот на еден дел од Париз кој одамна беше заборавен. Просторот каде претходно се наоѓаа напуштените фабрички хангари сега живее нов живот, живот полн со музика и уметност.