Етаблираната хрватска компанија Omega software одлучи да го прошири своето делување од софтвер на хардвер, и тоа во т.н. сегмент на паметни градови како резултат на новоразвиени LED тела за осветлување под брендот Leda.
Компанијата веќе ги понуди своите решенија за осветлување на неколку општини и мали градови во Хрватска и во регионот, а наредна цел им се поголемите градови.
„Нашето портфолио на решенија, производи и услуги опфаќа развој, имплементација и интеграција на комплексни ICT решенија кои се применливи во државната управа и локалната самоуправа, јавните претпријатија, приватниот и услужниот сектор, како и енергетиката“ објаснува Горан Михалиќ, директор на компанијата.
Oваа линија на иновативни тела за осветлување е за внатрешна и надворешна употреба. На проектот започнале да работат само два експерти на почетокот, а денес вработува околу дваесет луѓе кои произведуваат 500 примероци дневно. За какво осветлување станува збор? Овие паметни светилки се високотехнолошки и се наменети за дигитализираните градови на иднината бидејќи овозможуваат меѓусебно поврзување преку мрежа.
Светилките Leda се дизајнираат, се осмислуваат, се составуваат и се тестираат во Загреб, а се продаваат пошироко во регионот. Како што кажува Михалиќ, нивната цел е до 2020 година да го прошират асортиманот и да постигнат дополнителни компетенции со што ќе излезат и на глобалниот пазар преку најголемиот светски саем за паметно осветлување во Франкфурт.
Минатата година оваа компанија имаше приход од 3 милиони евра, а добивка од 670 илјади евра.
Извор: Poslovni Dnevnik