Во севернокинеската покраина Хебеи заврши изградбата на најдолгиот стаклен мост на светот и првите посетители имаа можност да прошетаат преку него. Околу 3000 туристи дојдоа на свечената церемонија на отворањето.

Како што објави кинескиот дневен весник „Чајна дејли“, мостот со должина од 488 метри и ширина од четири метри, со стаклен под, е висок 218 метри.

Овој несекојдневен мост ги поврзува Пингсан и малото туристичко место Хонгјанг.

Во изградба на мостот се користени 1077 стаклени панели, од кои секој е со дебелина од четири сантиметри. Мостот е тежок 70 тони, а свечено е отворен во неделата.

Лидерот на градилиштето за мостот, кој го нарекуваат „Небески мост“, вели дека има капацитет да собере 2000 лица. Тој истакна дека може да издржи земјотрес со сила од шест Рихтери.

Многумина од оние кои први го тестираа се вкочанија на половина пат затоа што чувството додека минуваат на толкава висина со толкава должина од стакло е неверојатно. Другите, пак, лесно преминаа преку истиот и уживаа во единственото доживување.