Научниците ја направија досега најдеталната мапа која што прикажува како би изгледал островот кога целосно би се стопил мразот.

Пред четири години, научниците открија дека Гренланд под замрзнатата покривка која што на некои места има дебелина од над 3 илјади метри мраз, го крие најголемиот кањон на светот, долг 750 километри и на најдлабокото место длабок дури 800 метри.

Најголемиот дел од податоците со чија што помош научниците од Универзитетот во Бристол го открија тоа ги добија од истражувањата на НАСА на Гренланд за тоа како изгледа најголемиот остров на светот под мразот во периодот од 2009-та до 2012-та година.

Сега Британската Антарктичка Експедиција, Универзитетот во Бристол и Универзитетот Ирвин во Калифорнија направија детална физичка мапа на Гренланд без мраз, односно како би изгледал доколку поради климатските промени се истопи целиот мраз.

„Најголемо изненадување е тоа што испадна дека Гренланд има многу повеќе мраз од што се мислеше, кањонот на некои места е подлабок од досегашните мапи, а топењето на целиот мраз на Гренланд ќе резултира со подигнување на морето за 7,42 метри“, открива картографот Питер Фретвел.

Секако, во центарот на вниманито е кањонот кој што се протега по средината на Гренланд во насока север-југ кој далеку поголем од Гранд Кањон во САД. Покрај кањонот, познато е дека највисокиот планински врв е висок 3700 метри.

Фасцинантен е податокот според кој Гренланд, и покрај тоа што забрзано се менува климата кон потопло, се уште складира 2,85 милиони кубни километри мраз.

Делумно со помош на податоците на радарските сателити од Земјината орбита, делумно со скенирањето од авиони и бродови кои со години пловат во близина на бреговите на Гренланд, денес е јасно дека под огромната количина на мраз лежи изненадувачки рамен остров со планински масиви најчесто сместени по рабните делови на источниот брег.