Според објавеното видео кое го покажува идниот изглед на кампусот, може да се забележи дека тој ќе функционира како минијатурен град. Тие најавуваат 18 нови згради како и нов плоштад со големина од 8.100 метри квадратни, кои би требало да примат 12.000 луѓе. Во внатрешноста на кампусот се предвидени и две игралишта за „европски“ фудбал, како и игралиште за крикет. Кампусот, односно градот, ќе биде поделен во квартови за поединечни тимови на „Мајкрософт“, а со новиот мост ќе биде поврзан со новата постојка за лесна железница на „Редмонд технолоџи транзит стејшн“, што ќе биде пуштен во употреба во 2023 година.
„Мајкрософт“ во својот град нема да дозволува автомобили, па целиот град се конципира околу пешачењето и возењето велосипеди. Вработените кои доаѓаат со автомобил на работа ќе мора да се паркираат во новата подземна гаража.
Кога во 2024 година ќе биде финализиран, во кампусот ќе има 131 зграда каде истовремено ќе може да се сместат 47.000 луѓе, а ќе има простор и за 8.000 посетители. Претседателот на „Мајкрософт“, Бред Смит истакна дека компанијата ќе потроши 150 милиони долари на транспортен систем, јавни површини, спортски терени и зелени појаси. Со овој проект ќе се отворат и 2.500 работни места во градежната индустрија.