Група руски истражувачи ја проучуваа една од најспектакуларните и уште помалку посетени природни знаменитости во светот, пештерата Син Донг, која се наоѓа во џунгла во внатрешноста на Виетнам.

Најголемата позната светска пештера е формирана како резултат на движењето на планинските реки пред најмалку два милиони години, а истата е откриена од страна на локален дрвосечач во 1991 година, но тој ја загубил нејзината локација сè додека експедицијата повторно не ја открила во 2009 година.

Нејзината ширина во најшироките делови изнесува од 150 до 200 метри, а во должина се простира на повеќе од пет километри и има волумен од 38,5 милиони кубни метри, што е двојно повеќе од втората по ред најголема шуплина во светот.

Син Донг во целост била затворена за посетители до 2013 година, а рускиот тим од шест члена потрошил година дена за да добие дозвола за патување во истата.

Нивното патување низ пештерата траело четири дена напорни искачувања, период во кој можеле да ги видат спектакуларните знаменитости и делови од природата, како што се некои од најголемите светски имозантни сталагмити, брзи реки и подземни шуми.

„Овде е толку мирно, се чувствувам целосно одвоен и слободен. Тоа чувство можете да го наречете ресетирање“, изјави еден од патниците, Ернест Ридијак, во видеодневникот од патувањето.

„Овој рај е изгубен свет под површината, единствен екосистем“.

Само 2000 луѓе ја посетиле оваа отсечена од урбаниот свет локација, а помалку од десетина ја снимиле внатрешноста со дронови.

Ограничените тури во шуплината чинат неколку илјади долари и достапни се секоја година, а билетите се распродаваат за само неколку часа.

Но, владата сака да го искористи она што УНЕСКО го прогласи за Светска културна градина во 2003 година и предложи да се изгради жичарница низ истата.

Изградбата почна во 2014 година, но 200 милиони долари вредниот проект кој требаше да им овозможи на стотина туристи да ја посетуваат пештерата секој ден сè уште останува само на маса.