Електронски риби, школки и локвањи се пуштени во и околу каналите во Венеција, а тоа е дел од проектот за следење на квалитетот на водата во тој град.
Се наведува дека А-рибите, А-роботите и А-локвањите се специјални роботи кои се дел од 4-годишната програма во вредност од речиси 5 милиони долари, чија цел е да го проверуваат квалитетот на водата која ја окружува Венеција.
“”Субкултрон” е колективен проект на вештачка интелигенција кој има за цел да го создаде најголемото јато на риби-роботи на светот. Со тој проект би требало да се подобри знаењето за морското корито, и од технолошка страна, човековите активности да се префрлат на високотехнолошки уреди”, објаснува Франческо Барбариол од венецијанскиот Институт за наука на морето.
Се наведува дека роботите живеат на сите нивоа во каналите и заеднички работат на константно надгледување на квалитетот на водите.
“А-школките, кои лежат на морското дно, собираат податоци. Тие ги праќаат податоците до А-рибите, кои ги пренесуваат податоците до А-локвањите. Тие потоа стануваат мост за комуникација со нас, научниците. А-рибите исто така можат и самостојно да собираат податоци, додека А-локвањите можат да ги наполнат сите други уреди под водата кога ќе се испразнат”.
VOA наведува дека проектот се врши под капата на Европскиот институт за проучување на морињата, а идејата е роботите да можат на далечина да го вршат тоа што научниците мораат да го прават рачно.
“Здравствената состојба на лагуната е прилично добра. Нема индустриски отпад, а градот сега има модерна канализација. Не е како порано, кога сите цевки се излеваа директно во водата”, истакнува Фабрицио Бернарди Обри од Институтот.
Се наведува дека работата на роботите нема да биде само да го следат квалитетот на водата. Вештачката интелигенција со време ќе стане попаметна, така што роботите ќе можат да служат како одбрана од штетници, но и да забележуваат секакви промени во водата.
“Weekly Observer” наведува дека роботите ќе пливаат околу Венеција до 2019. година, а слични направи еден ден би можеле да почнат да се користат ширум сите океани.