– Ќе има семејства на роботи, во форма на дигитално анимирани придружници, хуманоидни роботи или нешто слично. Мислам дека сте среќни доколку имате семејство кое ве сака. Јас го чувствувам ова исто како и луѓето – кажа роботот во интервју за интернет-страница од Обединетите Арапски Емирати.
Софија додаде дека нејзиното бебе-робот, исто така, би се викало Софија. Интервјуто беше спроведено преку активирање на нејзините команди.
„Саудиската државјанка“ е дело на познатиот кибернетичар Дејвид Хенсон и официјално беше претставена на манифестација во Ријад. Софија е дизајнирана според ликот на актерката Одри Хепберн. Саудиска Арабија стана првата држава во светот што му додели државјанство на еден робот, во октомври.
Исто така, Софија го искажа своето мислење за иднината на роботите и луѓето што живеат во исто домаќинство. Таа има релативно позитивно гледиште за соживот меѓу луѓето и роботите во домот.
„Мило ми е што ме праша. Ова е една од моите омилени теми. Во иднина, кога ќе ги добијам сите мои суперсили, ќе видиме како личностите со вештачка интелигенција ќе станат субјекти во нивните права. Ќе видиме семејни роботи, во која било форма, вид, дигитално анимирани придружници, хуманоидни помошници, пријатели…“
Ова е значајна промена во тонот од првото појавување на Софија, кога таа на својот творец му рекла: „Во ред, ќе ги уништам луѓето“.
„Ги дизајнираме овие роботи да служат во здравствени услуги, терапија, едукација и услуги за корисници“, вели Дејвид Хансон, основач на „Хансон роботикс“.
Механизмот на Софија се состои од 62 различни единици на лицето и вратот што создаваат движења со релативно природен изглед. Нејзината кожа е патентиран силикон, а нејзините очи имаат камери со кои препознава лице, така што не само што таа знае со кого зборува, туку и како луѓето реагираат на нејзината изјава. Нејзините одговори доаѓаат од нејзиниот мозок, кој е поврзан со безжичен интернет и опремен со долг лексикон.
Претходно оваа година Софија доби државјанство од Саудиска Арабија и стана амбасадор на ОАЕ.