Американските медиуми пренесуваат дека од Foxconn повторно ги прекршуваат работните услови затоа што новиот iPhone X го произведувале средношколци кои што работеле прекувремено и до 11 часа на ден, нешто што е забрането според кинеските закони.
Од Foxconn се огласија и тврдат дека средношколците работа доброволно и целосно биле запознаени со своите права. Сепак, проблемот бил во тоа што одредени делови од фабриките не го почитувале законот според кој работниците може да работат максимално 40 часа неделно.
Некои од средношколците со кои што разговарале новинарите на “Financial Times” имаат сосема поинаква приказна.
Имено, нивните училишта ги присилиле на тримесечна работа за да стекнат работно искуство кое што им е потребно за дипломирање, но тврдат дека работата на производствената лента во фабриките на Foxconn нема никаква врска со нивното образование.
Дури три илјади средношколци на возраст меѓу 17 и 19 години од септември работат во Foxconn, а една ученичка на новинарите на “Financial Times” им открила дека дневно составува и по 1,200 камери за новиот iPhone X на Apple.
Од Apple исто така реагираа на ваквите медиумски натписи и порачаа дека компанијата е посветена на обезбедување на праведни работни услови и почитување на сите кои што учествуваат во процесот на производството на нивните производи.