Многу безбедносни експерти веќе долго време предупредуваат на непријатната страна од модернизацијата на нашите домови. Сè поголем број уреди имаат инсталирани микрофони и камери што служат за подобро корисничко искуство или комуникација со корисникот. И мал е бројот на оние што помислуваат дека ваквите уреди можат многу лесно да се злоупотребат од страна на хакери.
Но, ако во домот имате дигитални асистенти или ТВ-уреди што користат гласовни команди и се поврзани на интернет, мала е гаранцијата дека никој не ги снима вашите разговори.
Накратко, истите работи што ги користите во вашиот модерен дом – интернет, микрофони и камери, служат како совршена мета за хакери, пишува „Индипендент“.
Евтиното е помалку безбедно
Најпроблематични се главно поевтините уреди – кои се создадени без да се води многу сметка за приватноста. Токму тие евтини уреди кои можат, но не мора да имаат безбедносни пропусти им создаваат проблеми на поголемите компании како „Гугл“ и „Амазон“ (производителите на „Google Nest“ и „Amazon Echo“).
Што мислат луѓето?
Ова предизвика општа паника во редовите на технолошки освестените сопственици на станови, потврди неодамнешната студија што ја спроведе компанијата „Дилот“. Според неа, сè поголем број луѓе се загрижени поради можноста за откривање многу лични податоци, што ги спречува да купуваат „паметни“ куќни апарати.
„Без оглед на интересот за новите технологии и подготвеноста да се платат повисоки цени – порастот на технолошката освестеност за интернетски работи создаде и загриженост за безбедноста и приватноста“, велат од „Дилот“. „Повеќе од 40 проценти од испитаниците се согласуваат дека технологијата на паметни домови разоткрива премногу детали од приватниот живот, со тоа што ист број луѓе веруваат во тоа дека тие информации можат да се следат и да се отуѓуваат.“
Глобален проблем
„Понатаму, помалку од 15 проценти од потрошувачите веруваат дека се многу информирани за ризиците поврзани со куќните апарати, а повеќе од 40 проценти веруваат дека ништо не знаат за нив.“
Извор: Tportal.hr