По огромниот успех што го постигна со луксузните електрични патнички возила, Елон Маск го претстави првиот камион на струја со кој влегува во една сосема нова бизнис сфера.
Првиот човек на „Tesla“ стигна на презентацијата во Лос Анџелес возејќи еден од камионите Tesla Semi и веднаш почна со објаснување на перформансите на камионот.
Премиерата на електричниот камион првично беше планирана за 26 октомври, па преместена за 16 ноември, бидејќи компанијата мораше да се фокусира на производството на патничкиот автомобил Model 3.
Tesla Semi има изразено аеродинамичен дизајн на надворешноста со цел максимално да се намали отпорот на ветер во возење на автопат, а внатрешноста е минималистичка, складно со филозофијата што „Tesla“ ја применува и на патничките автомобили.
Возачите на камионот ќе имаат на располагање два големи таблети, наместо еден, преку кои ќе ги следат сите функции на возилото, ќе даваат команди и ќе прават нагодувања.
Она што се чекаше со најголемо нетрпение, како и за секое електрично возило, беше капацитетот на камионот. Според фабричките податоци, со едно полнење на батеријата електричниот камион ќе може да помине нешто повеќе од 800 километри, што е сосема доволно за да може да се користи за средни дистанци за товарен транспорт, за што всушност и е направен Tesla Semi.
Од компанијата тврдат дека камионот може да ја помине оваа дистанца со едно полнење на батеријата под максимален товар од 36 тони.
Максимално натоварен, камионот-шлепер на електричен погон може да „крене“ од 0 до 96 км/ч за 20 секунди, што според Маск е значително побрзо од кое било друго товарно возило со дизел мотор на пазарот. Бројката е уште поимпресивна кога ќе се откачи приколката: тогаш Tesla Semi забрзува од 0 до 96 км/ч за само 5 секунди.
Тоа значи дека кога е празен, камионот со предница во форма на куршум забрзува како спортски автомобил. За да го постигне овој резултат, камионот е опремен со 4 независни електромотори од кои секој е одговорен за едно од четирите задни (погонски) тркала, а камионот има вкупно 6 тркала.
Камионот е стандардно опремен со технологии за автоматско одржување на камионот во рамки на сообраќајната лента по која се движи, како и со систем за автономно кочење во случај на опасност.
„Tesla“ дава гаранција дека електричниот камион нема да се расипе во возење во првите милион поминати километри.
Сопствениците на Tesla Semi ќе може да го дополнуваат возилото со новите т.н. „мегаполначи“ што овозможуваат дополнување на батеријата за 30 минути со доволно енергија за дополнителни 640 километри возење.
Поврзани артикли