Основачите на Facebook знаеле, од самото создавање на социјалната мрежа, дека направиле нешто што злоупотребува ранлив елемент на човечката психа, откри еден од основачите, Шон Паркер.
„Кога Facebook земаше замав, луѓето ми приоѓаа и ми кажуваа ‘Не сум на социјални мрежи’“, рече Паркер, кој тогаш формално бил претседател на компанијата.
„А јас им кажував: ‘Не се секирај, ќе бидеш!’, а тие ми одговараа ‘Не, не. Премногу ги ценам интеракциите со реалниот свет. Го ценам моментот. Го ценам присуството. Ја ценам интимата.’ А јас ќе им речев ‘Кога-тогаш, ќе те фатиме.’“
Паркер нагласува дека тогаш не ги сфаќал последиците на тоа што го кажува и дека не бил свесен за „непредвидливите последици“ што се случуваат кога мрежата ќе се прошири на повеќе од 2 милијарди корисници.
„Буквално го менува вашиот однос кон општеството, самиот однос меѓу луѓето. Најверојатно на некој чуден начин делува на продуктивноста. Којзнае како влијае на мозоците на децата“, признава тој.
Паркер објаснува дека главната цел на основачите на Facebook била „да зграбат што е можно повеќе од времето и вниманието на корисниците“. Таквиот пристап довел до создавање на копчето „like“ што им дава на корисниците „мала доза допамин“ секојпат кога ќе добијат „like“, што ги поттикнува да објавуваат уште содржини, што носи уште повеќе лајкови… и така во недоглед.
Извор: B92.net
Поврзани артикли