Шеснаесеттото издание на меѓународниот фестивал на Европски филм „Синедејс“ почнува вечерва.
„Од 9 до 19 ноември во организација на Младинскиот културен центар со ‘Скопска линија, европска ‘вожња’’ ќе ве шетаме низ веќе познати програмски целини: официјална селекција, СинеБалкан, Гала програма, музички документарци, шведски филмови, МК-кратки филмови, Синедејс +, студентска програма, детска програма и богата придружна програма од работилници и музички настани. Ќе ви ги прикажеме наградените филмови на фестивалите во Кан, Сан Себастијан, Венеција, Берлин, Ротердам… “, се вели во најавата за фестивалот.
Програмата на фестивалот е објавена на www.cinedays.mk.
МКЦ ја издвојува премиерата на филмот „Пченица” на култниот турски режисер Семи Капланоглу, кој воедно ќе биде и почесен гостин на фестивалот за премиерата, но и претседател на жирито во Официјалната селекција.
МКЦ ја најавува и долгочекуваната македонска премиера на филмот „Исцелител” на македонскиот режисер Ѓорче Ставрески, чија интернационална премиера е во рамките на Меѓународниот филмски фестивал во Солун, а е и дел од натпреварувачката програма на еден од најпрестижните европски фестивали „Талин Блек Најт“.
Годинава „Синедејс“ сериозно придонесува кон развојот на европскиот филм во домашни и светски рамки, со што се одвојува специјален фонд за награди од 300.000 денари за најдобриот филм во официјалната селекција и 300.000 денари за најдобриот филм во селекцијата СинеБалкан.
„И кога ќе помислите дека на 19 ноември ќе е крај на ‘Синедејс’, ние почнуваме со филмски маратон, 24 часа, ден и ноќ, без престан, 10 дена по ред, во Џебно кино во МКЦ! И тоа е дел од најважното. Другото го знаете, неодолива програма, која ќе нè собере повторно. Се гледаме вечер“, порачуваат организаторите.