Годишната глобална потрошувачка на “Smart Home” уредите и сервисите до 2021-ва година се очекува да порасне на 200 милијарди долари.

Со паметните телефони започна ерата на „паметните“ уреди, па сега веќе не се паметни само телефоните, туку тоа е случај и со часовниците, телевизорите, звучниците и бројни други геџети, па јасно е дека во иднина ќе живееме во паметни домови кои што ќе бидат исполнети со разни меѓусебно поврзани уреди.

Според прогнозите на аналитичката компанија Forrester Research, најголемиот удел меѓу уредите од таканаречената “Smart Home” категорија оваа година ќе го заземат паметните звучници – дури 50%, а во следните пет години таа бројка ќе порасне на 70%.

Моментално лидер во оваа категорија е Амазон, компанија која што минатата година продаде над 11 милиони паметни звучници “Echo”, а од Forrester Research очекуваат таа бројка оваа година да е двојно зголемена.

Од оваа компанија веруваат дека во 2022-ра година, дури половина од домаќинствата во САД, односно околу 66 милиони ќе имаат барем еден паметен звучник и нивниот број ќе се зголеми од 21,3 милиони во 2017-та на 166,2 милиони уреди за пет години.

Освен паметните звучници, најпопуларни уреди во категоријата “Smart Home” се паметните светилки и паметните термостати кои што можат да се контролираат преку апликација или со говор.

Колку овој пазар ќе биде голем за 4 години најдобро покажува предвидувањето на Juniper Research од каде што предвидуваат дека годишната глобална потрошувачка за “Smart Home” уредите ќе достигне до 200 милијарди долари, при што најголем удел овие уреди ќе имаат во Северна Америка – 38 проценти од светскиот пазар.