Американскиот технолошки гигант Apple ја купи помалку познатата компанија PowerByProxi од Нов Зеланд која што се занимава со развој на технологија за бежично полнење.
PowerByProxi е основана во 2007-ма година, а оснвач е Феди Мишрики. Станува збор за компанија специјализирана за производство на малечки модули кои што овозможуваат бежично полнење кон поголеми уреди како што се роботи, дронови и медицинска опрема.
Од Apple потврдија дека е реализирана купопродажбата, што е редок случај, а потпретседателот за развој на хардвер, Дан Ричио изјави дека ова ќе биде одличен додаток на компанијата затоа што Apple работи на „бежичната иднина“.
Со претставувањето на iPhone 8 и iPhone X, како и Apple Watch Series 3 во септември, Apple ја истакна својата визија која што се однесува на едноставна форма на полнење која што функционира по Qi индустрискиот стандард.
Apple планира веќе идната година да претстави платформа за полнење под назив AirPower која што симултано ќе го полни секој iPhone со заден стаклен дел, како и Apple Watch и бежичните AirPods слушалки.
Се уште не е познато како PowerByProxi ќе им помогне на Apple во остварувањето на своите амбиции на ова поле, како и тоа дали американската компанија ќе нареди прекинување на комерцијалните операции на оваа компанија.
Новозеландската компанија произведува модули за полнење кои што можат да направат трансфер на енергија до 100 W. Apple во иднина би можел да воведе поддршка за бежично полнење и за поголемите и „погладни“ уреди како на пример MacBook.
Извор: Klix.ba