Сите комети досега познати за човештвото дојдоа од Сончевиот систем, но пред неколку дена, светските астрономски опсерватории забележаа една многу необична комета која мина покрај нашата планета. Иако обично кометите кај нас доаѓаат или од Кајперскиот појас или од Облакот на Оорт, кометата C / 2017 U1 има доста поинаква приказна.
Таа за првпат беше откриена на 18 октомври, неколку дена откако поминала на околу 37.6 милиони километри од Сонцето. Тоа е доста блиска далечина и е изненадувачки како малата комета со дијаметар од околу 160 метри успеала да преживее. Според астрономите за тоа сигурно и помогнала нејзината екстремна брзина, со оглед на тоа што кометата прелетала многу брзо покрај Сонцето и времето не било доволно за да се загрее толку силно за да се распадне.
Кометата минала крај Земјата на 14-ти октомври на растојание од околу 24 милиони километри. Анализите на астрономите во светот покажуваат дека нејзината орбита најверојатно доаѓа надвор од Сончевиот систем. Кометата дошла приближно од реонот на соѕвездието Лира. Научниците се уште не можат да ја дефинираат сосема точната орбита на C / 2017 U1 и останува нејасно дали кометата се врти назад кон конкретна ѕвезда или едноставно ќе биде вовлечена од некоја друга ѕвезда.
Најверојатно човештвото тоа никогаш нема да го дознае, затоа што астрономите предвидуваат дека кометата никогаш нема да се врати во Сончевиот систем.