Научниците за прв пат воочиле судир на две неутронски ѕвезди во блиска галаксија (оддалечена 130 милиони светлосни години од земјата).
Европската вселенска агенција соопшти дека станува збор за еден од најжешките настани во вселената кој може да помогне во разбирање на тајните на вселената, како и тоа, како се создаваат златото, платината и оловото.
„Сега имаме уште неколку делови од сложувалката потребни за да ги разбереме тајните на вселената“, изјави Лаура Кадонати од опсерваторијата LIGO.
Гравитационите бранови за прв пат беа откриени пред две години и со тоа беше докажана теоријата на релативноста на Алберт Ајнштајн. Неодамна тројца научници добија Нобелова награда за физика за своја работа на тоа прво откривање на гравитационите бранови.
Меѓутоа, трите гравитациони бранови настанале со судир на црни дупки кои не емитираат светлост, поради што и астронаутите не успеале да видат ништо.
Овој настан во кој се судираат две неутронски ѕвезди им овозможил на научниците нов начин за проучување на гравитационите бранови.
Сигналот траел 100 секунди и покажал дека светлината и гравитационите бранови патуваат со иста брзина. Исто така, за прв пат со телескоп бил забележан изворот на гравитационите бранови.
Лидерот на астрофизичката опстерваторија LIGO Вики Калогера изјавила дека ова откритие менува се што научниците досега мислеле дека знаат.
„Влијанието на ова откритие е исто како преминувањето од гледање на црно – бели фотографии во 3Д кино. Тоа е мултисензорно искуство за вселената“, изјавила Калогера.
Ова откритие потврдува дека гама зраците можат да настанат како резултат на судир на неутронски ѕвезди, како и тоа дека тешките елементи се создаваат после насилните судири на ѕвездите.
Извор: Кајгана