Аеродромите станаа совршен полигон за тестирање на нови техники за следење и надзор, особено за масовно препознавање на лица; Некои земји (Јапонија, Франција и САД) веќе почнаа да тестираат и безбедносни системи со вештачка интелигенција, паралелно со веќе постоечките.

Сепак, аеродромот на Дубаи ја носи технологијата еден чекор понапред. Ќе инсталира аквариумски тунел опремен со 80 „скриени“ камери кои ќе го детектираат идентитетот на патниците при безбедносната проверка. Да бидеме попрецизни, се работи за тунел што на натрешната страна е всушност екран што прикажува подводна сцена. Целта на тој аквариумски амбиент е да го привлече вниманието на патникот, за камерите скриени зад таа интересна риба што ќе ти го привлече вниманието да можат да го фатат лицето на патникот од подобар агол. Притоа, аквариумската сцена може да биде заменета со реклами, или било каква друга. Во иднина аеродромот се надева дека во тунелот ќе додаде и скенери за зеници.

Пред да поминат низ тунелот, патниците ќе мораат да ги регистрираат своите лица на еден од киосците поставени на разни локации низ аеродромот. Засега е нејасно дали и багажот ќе биде скениран заедно со патникот, но судејќи од промотивното видео на Al Bayan News, во кое патникот влегува во тунелот заедно со својот куфер, изгледа дека одговорот е потврден.

Дубаи не е првото место каде што се користи биометрика за да се подобри ефикасноста на аеродромот. САД тестира препознавање на лице како една од мерките за поголема безбедност, а и Австралија е заинтересирана за биометриска идентификација како препознавање на лице, зеници и отпечаток на прст. Првиот виртуелен тунел ќе биде инсталиран на аеродромот Dubai International Airport до крајот на летото 2018 година, а потоа ќе бидат поставени други тунели на сите терминали на аеродромот до 2020 година.