Паметната биоосетлива тетоважа реагира на промените во хемијата на телото и ја менува бојата.
Со години тетоважите претставуваа еден вид на симбол на статус и израз на одреден став, но во денешно време тетоважите пред се имаат декоративна улога. Токму поради тоа што тетоважите станаа вообичаени, група на научници почнаа да развиват паметно мастило и паметни тетоважи кои што ќе можат да бидат прилично корисни.
Тим на научници од Харвард и МИТ Универзитетите развија паметни тетоважи кои што во иднина би можеле да им помогнат на болните луѓе полесно да вршат надзор над своето здравје. Паметните тетоважи се темелат на биочувствително мастило кое што е развиено на Харвард, а кое може во иднина да ги замени традиционалните медицински уреди за контролирање, на пример на нивото на шеќер во крвта или дехидрацијата на телото.
За разлика од носивите геџети кои што можат да послужат и како медицински уреди, на паметните тетоважи не им е потребна батерија за да работат и речиси се незабележливи на телото. Специјалното мастило во рамките на проектот „Dermal Abyss” реагира на хемијата на телото и ја менува бојата доколку се случи некоја одредена промена.
Засега се развиени два видови на вакво мастило – едно кое што реагира на промена на нивото на шеќер во крвта и друго кое што реагира на зголемената сол во крвта што може да укажува на дехидрација.
Секако, и натаму постојат недостатоци кај ваквото мастило кое што со текот на времето може да избледе, меѓутоа научниците тврдат дека се на вистинскиот пат и со продолжувањето на развојот и истражувањата, во блиска иднина би можеле да ја добиеме првата паметна тетоважа која што ќе може да спаси човечки живот.
Извор: Tportal.hr
Поврзани артикли