Новиот паралелен свет во виртуелниот простор кој се креираше под влијание на бурниот развој и сè пошироката примена на информатичката технологија стана арена за најразлични активности и процеси, меѓу кои значајно место им припадна на криминалните, кои што можат да нé загрозат со толкав потенцијал што секој од нас треба серозно да се загрижи.

Злоупотреби со платежните картички, кражба на идентитет, искористување на лични податоци, дела против личната сопственост, производство, поседување и дистрибуција на спорен и компромитирачки материјал. Ова се само од дел од криминалните активности кои што секојдневно се случуваат во интернет заедницата, а најзасегнати се корисниците на паметните телефони. Во светски рамки, злоупотребата на корисниците на смартфони е дури три пати повеќе отколку преку кој било друг електронски уред (компјутери, лаптопи, таблети). Со отворање на сомнителна е-пошта, веб страници, форуми, социјални мрежи, апликации, фотографии и многу други содржини, лесно стануваме плен на „фишинг“ измамите.

Security concept: Lock on digital screen

Како се случува тоа?

Прилично незабележително за голо око! Кликнувате на порака во ФБ месинџер и наместо порака, добивате страница за логирање преку која хакерите сакаат да ги дознаат вашите податоци. За жал, преку смартфоните тешко дека ќе ја забележите разликата помеѓу вистинската и лажната стрaница. Лажните веб-страници се речиси идентични на вистинските страници кои што сакате да ги отворите, а на која хакерите повикуваат со цел полесно да кликнете и да ги оставите своите податоци. Хакерите испраќаат илјадници пораки секојдневно на корисници ширум светот,  па доволно е само мал дел од нив поради невнимание и незнаење да се фатат на „мамката“  и нивната цел да биде остварена.

Лажни пораки за големи добивки, нереални ветувања, понуди за распределба на неочекувано наследство добиено од блиски роднини, барање на пари за лажни добротворни цели, предупредување од банка со барање за пререгристрација! Колку и да звучи примамливо, игнорирајте ги ваквите меилови иако од вас  се бара ургентен одговор. Дополнително, доколку страниците содржат правописни грешки (лош превод), невообичаени линкови, не содржат безбедносни сертификати или катанчиња, пристигнуваат од непознати или сомнителни мејлови, адреси кои што започнуваат со https наместо http – вие сте на добар пат да откриете измама или несвесно да станете плен.

Но како да ја избегнете мамката“?

Едноставно, не кликнувајте на линковите во сомнителните и непознатите меилови. Не одговарајте на е-пошти кои бараат лични податоци и избришете ги веднаш. Користете  програма за енкрипција за доверливите документи, заштитете се со антивирусна заштита на вашиот смартфон и ажурирајте го редовно за да се осигурате дека ги блокирате и новооткриените интернет закани.

Високо-технолошкиот криминал, познат и како е-криминал или сајбер криминал, ги опфаќа сите кривични дела што подразбираат употреба на интернет и електронски уреди, па потребно е да се информираме за безбедноста и да ги применуваме безбедносните совети врз сите начини на електронската комуникација, особено преку нашите смартфони. Во таа смисла, превземање на проактивен став, информирање и внимателност во постапките ќе спречи многу криминални активности и драстично ќе ја намали привлечноста на овој тип на нелегален начин на генерирање на добивка.