Милијардерот и извршен директор на SpaceX, Елон Маск, го претстави својот ажуриран план за колонизирање на Марс со 1 милион луѓе. Тој го стори тоа на Интернационалниот вселенски конгрес во Австралија, објави Бизнис Инсајдер.
„Иднината ќе биде многу поинтересна и повозбудлива ако сме вселенска цивилизација. Не може да ми текне за ништо подобро од тоа да излеземе меѓу ѕвездите“, рече Маск.
Тој планира да работи на два вселенски брода, кои ќе го колонизираат Марс во 2022 година, како и да изгради база на „црвената планета“, која ќе осигури подобни услови за живот.
За целта, бродовите на неговата компанија SpaceX треба да го потврдат постоењето на водните ресурси и да ги идентификуваат опасностите таму, да инсталираат генератори, рударски инсталации и системи за одржување на живот.
Првобитната идеја е до 2022 година, на Марс да слетаат 2 карго мисии. Првиот BFR вселенски брод треба да почне да се гради во наредните 6 до 9 месеци, а Маск верува дека за пет години ќе може да се испрати на првата мисија. Целта на првите мисии ќе биде да се потврди присуството на вода и да се постават бази за производство на електрична енергија, ископување на руда и системи за поддршка на живот за следните мисии.
Понатамошните мисии во 2024 би се состоеле од 4 брода, од кои 2 би биле карго летала, а 2 би биле летала со екипаж. Во оваа фаза целта би била да се направат фабрики за гориво и да се однесат првите луѓе кои ќе живеат на Марс, како и да се направи база за продолжен престој на површината на црвената планета, а од тоа да се продолжи во изградба на град кој постепено ќе расте.