Компанијата “Franklin Robotics” создала автономен робот наречен “Tertill” кој извршува ситни градинарски работи. Тој работи на соларна енергија и е водоотпорен, а поради тоа може да работи и на дождливо време.
Овој уред функционира на слична технологија како и “Roomba” – роботот-правосмукалка, само што има сензори со помош на кои прави разлика помеѓу градинарските растенија и непотребните билки кои ги отстранува со мал тример.
Додека патролира низ градината, “Tertill” наликува на некој Ровер на Марс, но всушност станува збор за робот кој е талентиран за градинарство. Тој може постојано да е поставен во градината, бидејќи е отпорен на надворешните услови, а со тоа може константно да го отстранува плевелот.
Користи едноставни сензори со кои ја одредува висината на растението, со цел да ги одбегне високите билки кои се обично пожелни во градинарскиот екосистем. “Tertill” не користи хемикалии и функционира со помош на соларна енергија која ја складира во батеријата, па затоа е и во целост еколошки прифатлив. Складираната енергија може да ја користи и кога е облачно или кога врне дожд.