Остануваат уште неколку часа до моментот кога леталото Cassini на НАСА ќе влезе во атмосферата на Сатурн и спектакуларно ќе изгори, оставајќи зад себе дел од историјата.
Фотографиите што леталото ги прати вчера најверојатно се последните детални снимки на Сатурн што ќе ги видиме во наредните децении.
Cassini ќе згасне во 12:22 часот, а веста за уништувањето ќе стигне до НАСА со доцнење од околу 1 час и 23 минути, со оглед на тоа дека Сатурн е оддалечен од Земјата 1,2 милијарди километри.
Иако телескопите на Земјата најверојатно нема да го забележат овој настан, НАСА ТВ ќе врши пренос во живо на Twitter од контролната соба на програмата Cassini.
Cassini во понеделникот ги направи последните корекции на патеката на движење, а денеска ќе влезе во атмосферата на Сатурн каде најверојатно многу брзо ќе изгори.
НАСА се одлучи да го испрати Cassini во „експлозивна смрт“ бидејќи откако леталото ќе остане без гориво евентуално би паднало врз сателитите на Сатурн и постои опасност да ги контаминира со микроби од Земјата.
Меѓународниот проект Cassini детално го истражи Сатурн и неговите месечини, а пошироката јавност ќе го памти ова летало по сензационалните фотографии и откритија што укажуваат на можноста дека постои живот во далечните делови на Сончевиот систем.
Мисијата вредна 3,26 милијарди долари беше почната во 1997 година и досега леталото има поминато 7,9 милијарди километри и има направено 453.000 фотографии и има собрано 635 гигабајти научни податоци, но најважно од сѐ е што на научниците им даде увид во хемискиот состав на сатурновите месечини Европа, Енцелад и Титан.
Ова се последните фотографии на Cassini од Сатурн во догледно време. Дури и да одлучи НАСА да ја финансира новата мисија на Сатурн во 2019 година (што е малку веројатно), првата сонда нема да биде лансирана до 2024 година, а ќе поминат уште многу години пред да стигне до „Шестиот камен од Сонцето“ (На Cassini му требаа седум години).
Поврзани артикли