Удар на гром во авионот е сценарио од кое се плашат и најхрабрите патници. Но дали има причина за загриженост?
Што навистина се случува кога громот ќе удри во леталото и зошто авионот не е оштетен?
Пилотот Патрик Смит, автор на книгата „Cockpit Confidential“ вели дека ударот од гром е честа појава во авијацијата и дека авионите се така направени да спречат струјата да „влезе“ во кабината или да ги оштети електричните системи.
„На еден авион во просек му се случува еден уар од гром во две години, а авионите се така дизајнирани да може да го издржат ударот. Надворешни оштетувања се случуваат многу ретко. Толку ретко што патниците воопшто не забележуваат дека авионот претрпел удар од гром“, вели Смит.
Маму Хадад, професор и директор на лабораторијата „Морган-Боти“ при Универзитетот на Кардиф, објаснува дека современите авиони (како Airbus A350) се направени од лесни карбонски композити, покриени со тенок слој бакар и се „однесуваат“ како Фарадеев кафез. Тоа значи дека просторот во кој седат патниците е заштитен од протокот на електрична енергија.
Празнењето што обично би било насочено кон врвовите на крилата или кон носот на авионот, поминува по металната обвивка на авионот и продолжува понатаму. Причина за паника нема бидејќи авионот не е заземјен, што значи дека не е изложен на директен удар.