Интервју со Менаџерот на Сеавус Инкубатор, Софија Спировска и Менаџерот на заедница, Игор Изотов
Сеавус Инкубатор го отвори процесот на апликација за втората пред-акцелераторска програма наменета за стартапи во рана фаза. Пред-акцелераторската програма е интензивна и структурирана програма со цел да им обезбеди знаење и бизнис вештини на претприемачите и да ги подготви стартапите за лансирање на производ или инвестиција. По тој повод разговаравме со Менаџерот на Сеавус Инкубатор, Софија Спировска и Менаџерот на заедница, Игор Изотов.
Сеавус Инкубатор постои повеќе од две години и како еден од првите приватни бизнис инкубатори отворени во Македонија, минатата година започна со имплементирање на првата пред-акцелераторска програма наменета за стартапи во рана фаза. Кажете ни нешто повеќе за предизвиците, можностите и научените лекции од имплементирањето на програма од ваков тип во Македонија? Што очекувате од овогодинешните стартапи?
Софија: Гледајќи од оваа перспектива, лансирањето на ваква програма минатата година беше вистински чекор. Вложување во бизнис знаење, вештини и вмрежување со инвеститори е од круцијална важност за секој стартап во рана фаза. Ние им помогнавме на 21 стартап да ги добијат овие компетенции беше повеќе од охрабрувачко и мотивирачко за сите нас во Сеавус Инкубатор и со нетрпение ги очекуваме овогодинешните стартапи.
Она што го посакуваме оваа година е, покрај иновативните производи и решенија кои ќе видиме од стартапите, да имаме еднаква застапеност на мажи и жени учесници, но и повеќе жени основачи или ко-основачи на стартапи. Минатата година, од вкупниот број на учесници, 26% беа жени претрпиемачи, но оваа година очекуваме оваа бројка да е далеку поголема.
Игор: Денот кога заврши пред акцелераторската програма 2016 беше и денот кога почнавме да планираме за овогодинешната програма. Иако програмата беше многу успешна, увидовме некои аспекти на кои што македонските стартапи треба да обрнат повеќе внимание. Една таква област е финансиската писменост и инвестицискиот дел, односно делот од бизнис планот што е важен за потенцијалните инвеститори. Оваа година ќе одвоиме и повеќе простор на подготовка на презентациите на стартапите, како и на стратешко размислување и менаџирање на ресурсите.
Дополнително, очекуваме дека ќе имаме повеќе регистрирани компании и стартапи кои се во т.н. „скалабилна“ фаза, како и повеќе апликанти од „финтек“ индустријата односно стартапи коишто се занимаваат со решавање на финансиски проблеми.
Какво беше искуството да се работи со докажани претприемачи како Алан Шаф од com и Еди Демај од Rocketfiber.com?
Игор: Да се работи со претприемачи кои имаат зад себе успешни стартапи беше чисто задоволство. Претопоставувам дека кога сте веќе докажан и професионално исполент во своите 20-30ти години, сакате да вратите назад во заедницата која ве направила она што сте денес. Токму тоа и го направија Алан и Еди со нивниот еднонеделен ангажман во Македонија каде работеа со претприемачи, стартапи од пред-акцелераторската програма или држеа мотивациони говори пред млади луѓе кои сакаат да започнат бизнис. Низ шала говоревме дека барем за една недела го донесовме размислувањето од Силиконската долина во Македонија.
Софија: Бевме импресионирани од нивната пасија да дадат назад кон заедницата. Среќа за нас, дека и покрај нивните распореди успеавме да ги донесеме истовремено во Македонија. Заеднички работеа со стартапите на подготовката на „pitch“ пред инвеститорите и ги советуваа на кои аспекти да обрнат внимание кога ќе разговараат со заинтересирани инвеститори. Работење со Еди и Алан беше сон кој се исполни за сите вклучени во програмата.
Кој е фидбекот од учесниците во пред акцелератрската програма, за што беа најсрекни, кои беа бенефитите за нив како претприемачи па и стартап тимови?
Софија: Анкетата која ја спроведовме покажа дека учесниците во програмата беа презадоволни и дека ќе ја препорачаат на други. Она што е најважно за нас е фидбекот кој што го добивме од учесниците, а што ни помогна да направиме подобра програма за оваа година. Сакаме да креираме програма на која ќе биде од суштинско значење за претприемачите и на која сите ќе се гордееме.
Ја најавивте пред-акцелераторска програма 2.0. Што може да очекуваме оваа година?
Игор: Оваа година програмата ќе трае 6 недели, но концептот на модуларно покривање на бизнис теми ќе остане ист. Секоја недела ќе се работи на еден специфичен концепт од бизнис планот со докажан професионалец во полето. Секако и оваа година ќе имаме светско име како ментор, но и други домашни ментори со интернационална експертиза. Програмата ќе заврши со „Инвестициски ден“ каде што стартапите ќе можат да ги презентираат своите идеи, производи или решенија пред инвеститори.
Софија: Ги повикуваме сите заинтересирани стартапи, регистрирани или кои наскоро ќе го сторат тоа, да аплицираат на пред-акцелераторската програма. За разлика од минатата година, во овој циклус ќе примиме само 10 стартапи. Апликациите се отворени до 15 септември, а програмата ќе започне на почетокот на октомври. Би сакала да напоменам дека учеството е бесплатно, но знаењето и контактите кои што ќе го добијат учесниците се навистина непроценливи и вреди да се вложи време во ваква програма.
И за крај, кои се очекувањата за македонската стартап сцена?
Игор: Сметам дека е време и на македонската сцена да се појави првиот мултимилионски стартап. Длабоко сум уверен дека условите се поставени и дека низ ваква програма ќе се формира и ќе почне да работи тимот позади тој стартап.