Интересно е дека меѓу првите десет најпродавани телефони во светот нема ниту еден од Huawei

Според податоците за јуни и јули, Huawei испорача повеќе паметни телефони од Apple и заседна на второто место на глобалниот пазар на смартфони.

Од Huawei покажаа дека минатата година, кога најавија долгорочни планови да станат најголема мобилна компанија во светот и да ги престигнат Apple и Samsung мислеле сериозно. Веќе во вториот квартал од оваа година му се приближија на Apple на помалку од три милиони испорачани телефони, а според последните резултати на аналитичката компанија Counterpoint, во јуни и јули оваа година Huawei испорача повеќе телефони од Apple. Исто така, резултатите и за август изгледаат одлично, но што се однесува до третиот годинашен квартал (кој трае од јули до септември), можеме да претпоставиме дека второто место, сепак, ќе го заземе Apple, благодарение на почетокот на продажбата на новите модели на iPhone, кои се очекуваат во втората половина на септември. Првото место, секако, цврсто го држи Samsung.

Тарун Патак, еден од директорите на Counterpoint истакна дека во глобалниот синџир на снабдување, дистрибуциските канали и меѓу програмерите, апликациите на кинеската компанија станале еднакво важни како Samsung и Apple, со тоа што нивниот пораст е побрз во однос на пазарните лидери. Директорот на истражување на оваа компанија, Питер Ричардс додаде дека се работи за исклучително значаен настан за Huawei и дека нивниот успех на глобалниот пазар може да се припише на константното вложување во истражувањето, развојот и производството, во комбинација со „агресивен“ маркетинг и ширење на продажните канали.