До неодамна, секој посетител на Интернетот се сметаше за паметен и упатен сè додека ги игнорира чудните мејлови од далечните земји. За жал, разликата помеѓу измама и легитимен онлајн бизнис, денес е прилично заматена.

Од измами замаскирани преку лажни веб страници до малвер скриен во Wi-Fi мрежи, постојат неколку Интернет измами на кои понекогаш наседнуваат и најпаметните корисници.

Лажен мејл од социјална мрежа

Оваа типична метода на фишинг доаѓа во облик на лажен мејл кој изгледа како навистина да потекнува од некоја друштвена мрежа. Најчесто истиот мејл Ве известува дека имате нови важни нотификации или Ве предупредува дека некој се обидел да пристапи до Вашиот профил, па морате да се најавите со цел да го потврдите Вашиот идентитет. Доколку кликнете на линкот во мејлот, тој ќе Ве однесе до лажна веб страница. Кога ќе се логирате на истата, измамниците ќе можат да влезат на Вашиот профил и да го украдат Вашиот идентитет.

Како да го избегнете ова?

Доколку имате неотворени нотификации, не проверувајте ги преку мејл, туку директно отворете ги преку социјалната мрежа. Активирајте и двостепена проверка на Вашиот профил во случај некој да проба да се логира од непознат компјутер.

Неочекуван прилог во мејл

Оваа измама функционира на тој начин најпрво се крадат податоци од профилот на некој од Вашите пријатели или од електронската пошта, а потоа се испраќаат лажни мејлови до сите негови контакти. Овие мејлови неретко имаат атачмент или линк до лажна страница, каде бараат од Вас да ја симнете датотеката. Доколку го направите ова, на компјутерот ќе добиете деструктивен малвер кој ќе ги заклучи сите ваши датотеки и ќе бара откуп за да Ви ги врати назад.

Како да го избегнете ова?

Доколку добиете сомнителен атачмент или линк, не го отворајте. Наместо тоа, стапете во контакт со пријателот по пат на друг канал за комуникација и кажете му што сте примиле од него, за каква датотека се работи и дали тој навистина Ви ја испратил.

Неочекувана покана за пријателство

Со оваа метода, изманиците го дуплираат профилот на некој Ваш пријател, а потоа Ве додаваат за пријател. Откако ќе го потврдите пријателството, тие ќе го искористат ова за да дознаат што повеќе имиња на Ваши пријатели и роднини, датумот на Вашето раѓање и слични податоци, со цел да ги искористат за да одговорат на тајни прашања за ресетирање на лозинки и пристап до други Ваши профили.

Како да го избегнете ова?

Едноставно е: не прифаќајте покани за пријателство од луѓе кои не ги познавате. Доколку некој кој веќе го познавате Ви испрати покана за пријателство, јавете му се и уверете се дека е навистина тој. Што и да правите, не давајте информации кои можат да се искористат за пристап до друг кориснички профил.

Бесплатна Wi-Fi мрежа

Оваа измама функционира на многу едноставен начин: измамниците со помош на лаптоп поставуваат бесплатна Wi-Fi мрежа во кафуле или на аеродром. Откако ќе се поврзете на оваа мрежа, измамникот има пристап до Вашиот компјутер и може да пребарува разни лични и финансиски податоци.

Како да го избегнете ова?

Во поставките на Вашиот компјутер и телефон, исклучете го автоматското поврзување на отворени Wi-Fi мрежи и вклучете ја опцијата “Ask to join нењ networks”. Доколку сакате да се поврзете со Wi-Fi мрежа во кафуле, пред да се поврзете на неа прашајте ги вработените за името на мрежата. Исто така, додека сте на овие мрежи, не спроведувајте никакви финансиски трансакции.

 

Поп-ап скервер

Сите се имаме сретнато со ова: сурфаме на Интернет и одеднаш на екранот ни се појавува предупредување дека компјутерот ни е инфициран со вируси и црви. Со цел да ги отстраниме, потребно е да стартуваме лажна програма која би ги исчистила. Проблемот е во тоа што токму таа програма функционира како стапица за извлекување на податоци за кредитни картички. За да ги избришете вирусите, програмата од вас бара мал надомест, но всушност во себе содржи опасен малвер со кој измамниците ги крадат Вашите податоци и преземаат контрола врз Вашиот компјутер.

Како да го избегнете ова?

Никогаш не кликајте на ваквите поп-ап реклами. Инсталирајте проверен, робусен антивирус кој сите го препорачуваат и редовно надградувајте го. Исто така, за секој случај чувајте ги важните податоци на некој надворешен диск.