Јапонската агенција за воздухопловни истражувања (JAXA) дизајнирала уред наречен Int-Ball, поточно дрон со вградена камера кој сега им прави друштво на астронаутите на Интернационалната Вселенска Станица (ISS), каде им помага во сликањето фотографии и снимањето видео материјал, ослободувајќи им го скапоценото време.

Int-Ball бил испорачан до ISS преку SpaceX испораката на товар минатиот месец, и моментално е оперативен и минува низ иницијалното тестирање.

Според JAXA, Int-Ball може автономно да се движи низ просторот, како и да биде контролиран на далечина од контролери на летот и истражувачи на Земјата, кои во реално време можат материјалот снимен со дронот да им го испратат на астронаутите на ISS.

Малечката сфера има дијаметар од само 15 сантиметри и тежи 1 килограм, а во поголем дел е изработена со 3D принтање.

По нејзината површина се позиционирани 12 пропелери кои и овозможуваат да се движи, со голем број на „3D целни маркери“ поставени на внатрешните ѕидови на станицата кои и помагаат да се ориентира во просторот, и да се движи од локација до локација.

Од JAXA велат дека 10% од работните часови астронаутите го поминуваат со камера во рака, па така префрлањето на должностите за снимање фото и видео материјали на малечкиот дрон значително би им го ослободило времето на истражувачите кои би можеле да се фокусираат на вршење на експерименти и останати важни задачи.

Int-Ball исто служи и како тест кој на JAXA научниците ќе им овозможи да видат како лебдечките дронови функционираат во микрогравитациското опкружување во ISS.

Во иднината, возможно е вакви мали автономни дронови да вршат разни задачи внатре и надвор од станицата, помагајќи им на астронаутите со носење на оперативна опрема, проверка на инвентарот, или со вршење на поправки и одржување на самата станица.