Microsoft ја претстави апликацијата за паметни телефони- „Seeing AI“, која користи компјутерска визија да им го опише светот на лицата со оштетен вид.
Апликацијата функционира на тој начин што корсникот треба да ја насочи камерата на телефонот кон лицето за да му каже кој е тој и како се чувствува. Камерата може да ја насочи и кон некој прозвод, по што добива податоци за кој производ се работи. Апликацијата функционира благодарение на вештачка интелигенција која работи на локално ниво.
Компанијата го претстави прототипот во март минатата година на „Build“ конференцијата, а сега е достапна за корисниците во САД.
Покрај тоа што ги препознава лицата што претходно ги има видено и ги погодува староста и емоциите на странците, апликацијата може да ги идентификува и апаратите за домаќинство преку скенирање на баркодовите. Исто така чита и скенира документи и ја препознава американската валута. Бидејќи сите долари се со иста големина и боја независно од вредноста, на лицата со оштетен вид им е многу тешко или невозможно да ги разликуваат. Апликацијата им помага да дојдат до таа информација.
Најосновните функции на апликацијата се извршуваат директно на уредот, што значи дека до информациите може да се пристапи побрзо и кога нема стабилна интернет конекција.
Од Microsoft нагласуваат дека апликцијата е најкорисна за читање на податоци, како знаци и менија и дека основната задача на апликацијата не е само препознавање на знаците, туку го наведува корисникот како најпрецизно да ја постави камерата за да дојде до тие знаци.
Апликацијата се разликува од другите слични апликации и по брзината, бидејќи информациите можат да се добијат за само неколку милисекунди.