Шпанскиот дизајнер Џерард Рубио ја креираше машината за плетење Kniterate, која засега плете само три дигитални дизајни. Производот првично е замислен како обична open source 3Д машина за плетење, но со тек на време прерасна во уред кој е евтина алтернатива на индустриските машини.
Бидејќи традиционални автоматизирани машини за плетење се навистина скапи, Рубио решил да најде друг попрактичен метод.
„Ја креиравме Kniterate затоа што сакаме сите да можат да го истражат потенцијалот на плетењето. Досега единствено беа достапни слични индустриски машини по цена од 50.000 долари. Со Kniterate добивате персонализирана машина за плетење која ќе ви ги прави омилените дизајни“ вели Рубио.
Дури и тие што не знаат да плетат лесно ќе можат да ракуваат со Kniterate. Иглите се компјутерски контролирани, има шест различни бои волница и сензори кои спречуваат кинење или заплеткување на волницата.
Машината има софтвер кој му овозможува на корисникот да дизајнира додека работи или едноставно да симне фотографија од Интернет и машината ќе ја заврши целата останата работа. Тимот се надева дека ќе ги поттикне дизајнерите да го сменат својот став кон плетените производи.
Моментално е во тек кампањата на Kickstarter за машината. Остануваат уште 30-ина дена до крајот, а веќе се собрано трипати повеќе од првичната сума од 100.000 долари. Доколку сакате да купите една, можете да ја поддржите кампањата со минимум 4.499 долари. Малопродажната цена на машината ќе биде 7.500 долари. Се очекува првите машини да бидат доставени во април 2018 година.
Еве како изгледа машината во акција.