Светскиот интернет-гигант Google во својата апликација Maps го преименува големиот скопски плоштад Македонија во плоштад Вардарска.
При пребарување на компании кои имаат свои разграноци или седиште во строгиот центар на Скопје, Google во својата мапа ви посочува каде се лоцирани и името на локацијата. За полесно снаоѓање, особено за туристите, имињата на локациите се дадени и на македонски и на англиски јазик.
Во јули минатата година, Google им овозможи на корисниците да споделуваат и да едитираат локации за да ја подобри апликацијата „мапи“ и да ги обележи неозначените места. Сепак, локациите автоматски не се појавуваат на мапата, туку чекаат да бидат верификувани од повеќе корисници. Веројатно, англиската верзија од плоштадот Македонија е вметната од корисник на мапата, а потоа преку верификација од други корисници и без посебен надзор од Google истата е впишана во мапата за Скопје.
Според минатогодишните податоци, повеќе од една милијарда лица ја користат апликацијата Maps на Google и сите тие имаат можност да едитираат и да придонесуваат за развој на апликацијата.
Поврзани артикли