Марс е поотровен отколку што мислевме, комбинација од неколку состојки на тлото на Црвената планета ги уништува сите живи организми. Ова е новото откритие што го покажаа истражувањата на универзитетот во Единбург.
Научниците Џенифер Вадсворт и Чарлс Кокел од Центарот за Астробиологија и астрономија на Универзитетот во Единбург објавија научен труд во кој ги опишуваат резултатите од истражувањето на состојките од површината на Марс. Тие откриле токсични состојки во комбинација со УВ зрачење.
Истражувањата покажале дека комбинацијата од најмалку три состојки на површината на Марс, активирана од површинската фотохемија ја прави површината на Марс неодржлива за живот.
Ова не значи дека нема микробиолошки живот на Марс, туку постои можност да успеал да се одржи под површината.