Припадниците на помладата генерација најверојатно не ни знаат како изгледаат грамофонските плочи. Некогаш одамна, грамофонските плочи беа симбол на романтика и слушање музика, но со годините исчезнаа од сцената. Многумина се сложуваат дека слушањето музика преку винили, односно грамофонски плочи беше најдобриот и најквалитетен начин на репродуцирање музика.
Но, со напредокот на технологијата, плочите се заменети со CD, по што уследи кратката ера на DVD. Во последните години се појави и USB како медиум за издавање музика, но на крајот сето тоа го покори Интернетот.
Сигурни сме дека многумина би се сложиле дека продажбата на музика на интернет денес е најпопуларен начин за доаѓање до музика. Сепак, наскоро тоа би можело да се промени. Пред неколку месеци пишувавме за тоа како продажбата на винили во Велика Британија ја надмина продажбата на музика на останатите медиуми. Шокантно или не, јасно е дека винилите се враќаат на музичката сцена и стануваат се попопуларни.
Свесен за овој тренд очигледно е и Sony. Оваа голема компанија на почетокот на следната година ќе се впушти во производство на винили. Интересно е дека Sony се одлучи на ваков потег после подолга пауза. Имено, последната грамофонска плоча во Sony е произведена уште во далечната 1989 година.
Поврзани артикли