На официјална церемонија што се одржа денеска во Скопје, се потпиша договор за соработка помеѓу Меѓународната корпорација Фондацијата Saint-Gobain Initiatives, со седиште во Франција, и Хабитат Македонија, дел од мрежата на Habitat for Humanity International, кој вклучува финансиска поддршка за проектот „Енергетска ефикасност за Здружението на пензионери во Кавадарци”. Проектот ги опфаќа пензионерите, како една од најранливите групи на граѓани во Република Македонија.
Целта на проектот е да се подобри енергетската ефикасност на зградата во која што е сместено Здружението на пензионери – Кавадарци, нивниот дневен центар и 2 пензионерски станови. Корисниците на овој проект ќе заштедат до 30% од потрошувачката на енергија. Реновирањето ќе вклучи изолација на фасадата, замена на стари прозорци и врати со енергетски ефикасни како и реновирање на заедничката просторија за пензионери (дневен центар). Активноста е финансирана од Фондацијата Saint-Gobain Initiatives, а ќе биде спроведена од Хабитат Македонија во рок од 1 година.
Ова е прв проект поддржан од Фондацијата Saint-Gobain Initiatives во Македонија, а износот на донацијата изнесува 41.000 евра.
„Иновативните решенија на нашата компанија Saint-Gobain, создаваат средини за живеење што го подржуваат комфорот, високиот квалитет на живот и одржливоста како модел за идните генерации да развиваат средини за живеење со висока свесност на животната средина.Веруваме дека севкупните општествени и економски придобивки од нашата донација, ќе обезбедат далеку поодржливи вредности и резултати за корисниците на просториите на Здружението на Пензионери во Кавадарци, но и ќе обезбедат трајни подобрувања, ефективни резултати и одржливи придобивки за локалната заедница“ – изјави Томаш Росак, Генералниот Делегат на Saint-Gobain.
„Хабитат Македонија, како единствена граѓанска организација која ја опфаќа областа на супстандардно домување, во изминативе години е предводник и носител на нови инцијативи и иновативни решенија за подобрување на квалитетот на живот, што се спроведуваат со донатори, меѓу кои посебно значајни се партнерствата со корпоративниот сектор. Сметам дека токму ова наше искуство и заложби беа препознаени од Фондацијата Saint-Gobain Initiatives со која делиме заедничка визија, и верувам дека ова е само почеток на заедничките проекти“ – изјави Зоран Костов, извршен директор на Хабитат Македонија.
Активностите за реконструкција дополнително ќе вклучат и група на студенти од Факултетот за Архитектура во Скопје кои ќе бидат задолжени за подготовка на техничката документација. Студентите ќе имаат обврска и да ги едуцираат пензионерите во врска со енергетската ефикасност и одржувањето на домот. Со тоа ќе им се овозможи на студентите, идни лидери во овој сектор, да се стекнат со практично искуство и да бидат инволвирани во напорите за намалување на потрошувачката на струја во резиденцијалниот сектор на долг рок.Така, инвестирајќи во знаења и вештини на идните архитекти и градежни професионалци, ќе се овозможи и имплементација на стекнатите искуства во градежната практика во Македонија во иднина.
Saint-Gobain и Хабитат-Македонија преку овој проект сакаат да ги зајакнат капацитетите и потенцијалите на ранливите категории, демонстрирајќи огромни залагања во справувањето со социјалните предизвици, во напорот за обезбедување подобро разбирање на потребите на социјално исклучените. Во таа смисла, овој проект ќе биде амалгам за изградбата на кохезивно општество во кое борбата против сиромаштијата и социјалната исклученост ќе значат постоење на подобри шанси и можности за сите.