По неколку недели гласини, протечени информации и тизери, кинеската компанија OnePlus официјално го претстави својот најнов премиум телефон – OnePlus 5. Најголем дел од гласините се испоставија точни, а еве и офиицијални детали за карактеристиките на телефонот, кој е претставен под мотото “Never Settle”.
OnePlus 5 има 5,5-инчен Optic AMOLED дисплеј, со резолуција 1920 х 1080, Gorilla Glass 5 заштита и поддршка за sRGB, DCI-P3 спектар на бои. Телефонот го покренува најновиот Snapdragon 835 (10nm) процесор до 2.45GHz, а ќе биде достапен во две верзии – првата со 6GB RAM и 64 GB простор за складирање и втората со огромни 8 GB RAM и 128 GB интерна меморија. Телефонот користи UFS 2.1, но нема microSD слот за проширување.
Кога се камерите во прашање, OnePlus доста внимание му посвети на овој сегмент. Новиот сегмент стигнува со две камери на задната страна: главната камера има 16MP Sony IMX 398 сензор со f/1.7 отвор на блендата, а тука е и Telephoto камерата со 20MP Sony IMX 350 сензор. OnePlus истакнува дека ова е дуал-камера систем со највисока резолуција денес присутна на телефоните. Предната камера има 16MP Sony IMX 371 f/2.0 сензор.
OnePlus 5 има помала батерија, со капацитет од 3300 mAh, отколку што имаше претходниот 3Т модел (3400mAh). Меѓутоа, благодарение на поштедливиот процесор и оптимизацијата која ја направи OnePlus, батеријата на новиот телефон има за 20 проценти подолго траење во текот на користењето. Тука е и USB-C 2.0 и Dash Charge поддршката.
Дизајнот на телефонот нема посебно да го коментираме, бидејќи е екстремно препознатлив. Само ќе споменеме дека OnePlus 5 има димензии 74,1 x 154,2 x 7,25 милиметри и тежина од 153 грама. Телефонот под екранот има сместен и сензор за читање отисоци, а присутен е и 3.5 mm приклучок за слушалки.
На крајот, она што на многумина им е најбитно – цената и достапноста. OnePlus 5 на пазарот во Европа ќе се појави од 27 јуни, по цена од 500 евра за 64GB/6GB модел, односно 560 евра за моделот со 128GB/8GB.