Најавено отворање на технолошки парк во Македонија

Во рамки на МАСИТ ИКТ денови, најголемиот ИТ настан во државава,  денеска во Скопје се одржува Конференција за иновативни ИКТ решенија и трендови, на која се дискутира на повеќе актуелни теми и прашања од областа на ИКТ иновациите во функција на подобар бизнис, живот и развој. На конференција која е поделена на мултидисциплинарни три дела,  е посветено големо внимание на подигнувањето на нивото на иновативноста на домашните ИКТ компании и на кои начини да дојде до подобра соработка помеѓу науката, компаниите и државата за постигнување на таа цел. Домашните компании добија можност да ги презентираат своите иновативни решенија, најдобри практики и трендови на домашниот пазар, а странски и домашни експерти пред присутните споделуваат успешни примери и можности за поддршка на ИКТ иновации во земјата и странство.

Konferencija 1

„Конференцијата е одлична прилика да се претстават и дискутираат мерките со кои може да се унапредат условите за развој на ИКТ компаниите во земјата и верувам ќе допринесе за зголемување на ангажманот на македонската ИКТ индустрија. Од денешните дискусии може да се заклучи дека очигледна е потребата и желбата на ИКТ компаниите за воведување на иновации и следење на светските трендови, но она што е најважно е фактот дека е потребна покоординирана соработка помеѓу сите чинители и зголемувањето на ефикасноста во остварување на оваа цел.  МАСИТ како стопанска комора за информатички и комуникациски технологии постојано ги следи темите кои се од интерес и значење за нашите компании членки и во наредниот период ќе вложиме уште поголеми напори за продлабочување на соработката помеѓу МАСИТ и ИКТ компаниите со државните органи и образовните институции со цел реализација на конкретни активности и мерки за поттикнување и поддршка на иновативноста на ИКТ компаниите“, вели Драган Чепујноски, претседател на Собранието на МАСИТ.

Во првиот дел од конференцијата  обраќање имаше и министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски кој во своето излагање истакна дека само со меѓусебна соработка на факултетите, индустријата и државата може да се создадат конкретни мерки  за да имаме поголем бенефит од инвестиции во технологиите.
„Основниот чекор треба да го направи државата, да мотивира што поголем број на луѓе да ја бараат својата егзистенција во ИТ индустријата. Оваа индустрија  е еден од клучните механизми за да ги  мотивираме младите луѓе да останат во Македонија,  да студираат тука , да дојдат лесно до вработување и да имаат повисок животен стандарт. Во наредниот период ќе се обидеме да направиме координирана стратегија како да го постигнеме тоа . Во текот на следната година не очекува и отворањето на технолошки парк во земјата“, додаде Манчевски.

Помошник директорот на Секторот за политики за млади од Северна Ирска, Мајкл Голд даде голема поддршка на настанот и МАСИТ и нагласи дека само со соработка на Владата, Универзитетите и компаниите ќе може да се постигне голем напредок во унапредување на ИКТ индустријата во земјата и дека токму со таква соработка Северна Ирска успеа да ја развие оваа индустрија.

Конференцијата е организирана од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ во партнерство со Твининг проектот финансиран од ЕУ „Развивање соработка помеѓу високообразовните институции, приватниот сектор и релевантните органи. Главна цел на проектот е зајакнување на институционалните капацитети на високообразовните институции  и зајакнување на  нивната соработка со приватниот сектор. Конференцијата е поддржана  од спонзорите ВИП, Неоком, Vapour Apps, АСИ и Унет. На настанот учествуваат голем број на претставници од ИКТ компаниите, државните институции, технолошките факултети, странски и домашни експерти. Главен заклучок од конференцијата е дека токму мултидисциплинарната соработка на академијата, бизнисот и владиниот сектор, во правец на поддршка на изнаоѓање и примена на иновации и технологии ќе предизвика забрзан раст  на ИКТ секторот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

sixteen + two =