Компанијата Vivo официјално го прикажа својот APEX 2020 концепт телефон, кој требаше да дебитира во текот на MWC 2020 саемот во Барселона, а во меѓувреме беше откажан. Сепак, сега имаме увид во технологиите на кои работела кинеската компанија.
Vivo APEX 2020 концепт телефонот има едноделно куќиште, без отвори и копчиња, а се потпира на капацитативни копчиња осетливи на притисок.
Смартфонот има 6,45-инчен 2330 x 1080p FullView дисплеј, под кој е вгрaдена 16MP in-display селфи камера. На бочните страни, дисплејот има закривени рабови од 12о степени. Камерата користи 4-in-1 pixel binning за креирање 4MP снимки, а прекриена е со стакло, кое пропушта светлина шест пати повеќе од остатокот на заштитниот слој.
Системот на камери на задната страна ја сочинуваат 48MP главен сензор со гимбал механизам на стабилизација, како и 16MP перископ камера со 5x до 7.5x распон на зумирање.
Со оглед на тоа дека Vivo APEX 2020 нема портови, можно е да се полни само безжично. Vivo ова полнење го нарекува Super FlashCharge 60W, а како што му сугерира името, има јачина од 60W. Се сугерира дека батеријата од 2000mAh може да се наполни за 20 минути.
Како и останатите APEX концептни уреди, и APEX 2020 најверојатно нема да биде достапен во малопродажбата. Во прашање е концепт на она за што технологијата е способна на телефоните, што значи дека е тежок и скап за производство. Покрај наведените карактеристики, телефонот има и Snapdragon 865 чипсет, 12GB RAM, 256GB простор за складирање, како и 5G поддршка.